Tuesday, November 8, 2016

РАСКАЖУВАЧОТ ОД УЧИЛНИЦАТА

БУБАМАРИ 
                                                           

 Можеби во својата училница сум добар раскажувач, наратор,математичар, јазичар, биолог,ликовен уметник, добар фискултурец.Ама кога доаѓа ред еден наставник да пренесе свое доживување, барем кога зборувам за себе, сите овие претходни „дипломи“ некако ми губат на вредност.Се губам во мислите како на нештото да му дадам ред, да го раскажам, а да допре до сите останати на ист начин како што ме допрело мене. А морам да го раскажам, да го споделам , оти сепак верувам дека ова е приказна која треба да се раскажува. Не за да прикажувам лична големина, колку потребата да допира поголем број на луѓе. Небитни се годините работно искуство, генерациите ученици, за да си речеш самиот на себе: нема што повеќе да ме изненади, се проживеав во животот! Колку сите грешиме кога ќе ни се јави оваа мисла во глава! Пред десетина дена , мајка на еден мој ученик изрази желба да разговараме после настава. Мајка на две деца , од кое постарото е ученик во моето одделение.Ги испратив сите ученици после часови во училишниот двор и мислејќи дека станува збор за краток разговор, разговаравме во училишниот двор. Иако веќе четврта година нејзиното дете е ученик во моето одделение, скромноста на мајката , присутноста на домашната култура и воспитание , енормната почит кон мене како наставник мислев дека се главната причина што мајката тешко го започнува разговорот. Иако и двајцата знаевме дека нејзиното дете карактерно е тивко и повлечено дете, скромно во однесувањето, сепак во разговорот мајката имаше проблем да објасни со јасни реченици за што станува збор. „Живееме на крајот од населбата, каде нема многу деца на возраст на мојот син. Токму поради тоа , времето за играње најчесто го поминува со својата сестра пред куќата, или во дворот, а кога е ладно најчесто времето го поминува дома “ – беа почетните зборови на мајката. Првите две години во училиште , нејзиното дете имаше мал проблем кој поради дискретност нема да го споменам, а тој проблем, на скромноста на ученикот како дел од неговиот карактер, делуваше на неговата повлеченост во играњето со другите другарчиња од одделението. Мислев дека после четири години тој проблем сме го надминале, од проста причина што во секојдневното набљудување кај нејзиното дете не гледав некој конкретен проблем. „Мојот син неколку пати дома ме прашува зошто не сме го повикале наставникот кај нас на гости“ – продолжи срамежливо мајката. Збунета , мислејќи дека во мои очи можеби ќе испадне „смешна“ што ми го кажува ова, продолжи да објаснува дека на почетокот не му дала некое посебно значење на таквото прашање на својот син. Кога истото прашање во краток временски период било повторно поставувано од страна на нејзиниот син , се охрабрила да се обиде да најде одговор на ова прашање.Така како што секоја загрижена мајка може да зборува со своето дете, зборувала и таа и некако успеала да го открие изворот на „проблемот“. Со присутна грутка во грлото во текот на целиот овој разговор во училишниот двор, мајката собра храброст да каже. Во меѓусебните секојдневни разговори на одморите и пред часовите, неколку другарчиња од одделението се пофалиле дека нивните родители се знаат со наставникот, дека се пријатели и особено потенциран моментот дека „јас“ (нивниот наставник) сум бил кај нив на гости. Земајќи ја во предвид тивката природа на детето на оваа мајка, неговата повлеченост и емотивна природа , за него ова било катастрофален момент во обидот да ја зацврсти другарската линија со другарчињата од одделението. Тивко се повлекувало од таквите разговори со другарчињата, се обидувало цело време пред моите очи да покаже дека е се во ред, а дома се обидувало преку прашањето до својата мајка – Кога ќе го викнеме наставникот на гости? – да се осигура дека можеби во блиска иднина пред своите другарчиња и тоа ќе има со што да се пофали. Во целиот обид да го објасни проблемот, кај мајката доминираше чувството на нелагодност и срам. Иако се обидував со веселост во гласот да и објаснам дека нејзиното дете само ја кажувало на искрен и директен начин својата потреба, мајката сепак беше убедена дека го троши моето време со нешто што можеби и не е проблем. За мене тешкиот дел во објаснувањето сепак беше на најлесен и безболен начин да и објаснам на мајката , дека ова гледано од очите на возрасните е можеби неважно, но гледано од очите на нејзиното дете е нешто кое сериозно треба да се разбере и да се реагира навремено. Колку и „будалесто“ , „смешно“ и „неважно“ во наши очи да се нештата, децата сепак за разлика од нас директно праќаат сигнали. Доблест и на родителите и на нас наставниците е да ги забележиме на време и да реагираме делотворно. Разговорот го продолжив во насока дека овој проблем има многу лесно решение, доколку родителите го прифатат во меѓусебен договор. Решението беше едноставно – да се исполни желбата на ученикот без негово знаење, а со договор со родителите тоа да се случи во текот на некој викенд. Мајката видно збунета од моето понудено решение, на почеток не знаеше како да реагира освен – „Не би сакала да го трошам Вашето слободно време! – ама откако согледа дека тоа значи и решение за проблемот, се согласи. Оставивме таа да се договори со својот сопруг и да ме извести за времето кога ќе можат. Викенд, претпладне. Заѕвони мобилниот, а откако видов на екранот, ми стана јасно дека сепак родителите решиле да одат до крај. Се договоривме за пладневен термин кога се сите дома, со инсистирање од дома да ме земе таткото на ученикот. Додека се возевме , падна договорот таткото да ја паркира колата пред куќа, да влезе внатре, а после 5-6 минути јас да се качам и да заѕвонам на врата. Речено – сторено. Е драги луѓе, сите кои читате сеуште, овој дел е онака народно кажано – емотивно, а да се издржи машки.Колку и да ви е смешна претходната реченица, би сакал сите да го доживеете моментот, па целосно ќе ви беше јасно.Заѕвонив на ѕвончето, се слушнаа гласови во ходникот и се отвори вратата. Пред мене збунето стоеше мојот ученик. Малку е да речам , стаписан! До него уште позбунета стоеше неговата помала сестричка, а позади нив родителите. Е во вакви моменти , не ти важи искуството, верувајте. Се трудев да ја сокријам мојата емотивност во тој момент, па со ведар глас им кажав дека денеска на мојот прозорец слетала бубамара која сакала да се стопли на сонцето , да одмори од летот и да ми каже дека едно дете (ученикот) има неверојатна желба на гости да му дојде неговиот наставник. Додека се возевме со таткото во автомобилот, ми раскажа дека неговиот син додека си играл во дворот со неговата сестра забележале две бубамари и онаа народната „ Тато , денес ќе ни дојдат гости! “ – било изговорено од неговиот син. Добар материјал за добра приказна , нели? Иако од малечки ги учам дека од сите лоши особини , најлоша е лажењето, јас ќе бидам искрен, само направив модификација за доживеаната случка со играта во дворот и бубамарите  ! Сеуште збунет во ходникот, не верувајќи кој дошол , не изусти ниту збор , ниту знаеше како да реагира. Морав допрва да го кршам мразот. Од џебот извадив по една чоколада и ги поделив на него и неговата сестра, а родителите се охрабрија да го опуштат за да влеземе внатре. Ако сето досега раскажано беше вовед во приказната, она што следеше е емотивна Хирошима! Влеговме во дневната соба и откако седна на столче ,мојот ученик со дланките го покри лицето и почна неконтролирано да плаче. Одеднаш , од ваквата емотивна реакција, смрзнав и јас и неговите родители. Едноставно, не бевме подготвени за ваков момент и ваква реакција. Збунети родителите, збунет јас, збунета и неговата сестричка. Момент на тишина, освен плачот на ученикот.Моменти долги како година, да смислиш како да реагираш на она што се случува пред очите на сите. Да можев да бидам волшебник во тој момент, ќе сакав да ја исполнам собата со бубамарите од дворот, кои во тој момент најмногу за помош ми беа потребни на мене , на неговите родители , на нас возрасните. Тивко се обидов да го смирам и почнав да му објаснувам дека јас само ги послушав бубамарите со кои денес си играл во дворот.Возрасните го почитувавме договорот на тајност. Ама јас лично не очекував дека таа емотивна Хирошима длабоко скриена во мојот ученик,така длабоко ќе ме допре мене, а верувам и неговите родители. Во повеќе од дваесет години работно искуство со деца, не можеш да останеш рамнодушен на солзи радосници кога некој се радува на твоето присуство , колку и да сакаш! Да бидеме искрени, кога последен пат некој се расплакал од радост кога не видел? Кога, на некој нашето присуство му било толку многу важно? Една ваква приказна пред 20-30 години, можеби беше секојдневие, ама на ова време на оттуѓеност,немање време, трка по егзистенција и лишеност од покажување емоции,материјален натпревар и отсуство на човечност, една ваква искрена емоција и радост е еквивалентна на земјотрес кој ни по Рихтерова скала не е мерлив. Се обидов да ја соберам целата ведрина и веселост што ја имав во тој момент, па со другарски тон и смиреност во гласот почнав да го поттикнувам на разговор. Петнаесеттина минути еднакви на вечност. Полека се смири, иако сеуште збунет, поттикнат од моите прашања ми ја раскажа случката со бубамарите. Сеуште беше присутна изненаденоста од каде знам за таа случка, уште повеќе изненаден од каде знам за неговата желба. Собата едноставно беше поплавена од тајноста што тројца возрасни тој ден свесно решија да ја кријат во себе. Важен беше моментот, и секако успехот. Поминавме неколку часа во опуштен разговор и дури откако бев сигурен дека „проблемот“ е решен, се подготвив да заминам. Во тие неколку часа, другарски се договоривме како ќе се однесуваме во училиште, како тој ќе се однесува со другарчињата и особено моментот дека секогаш кога ќе почувствува потреба за разговор, отворено и без срамење да пристапи и да ми каже. Вратата на слободна комуникација досега за него беше затворена од за него разбирливи и силни причини. Мое беше да го дадам клучот со кој секогаш може да ја отвори без страв. Прв понеделник после средбата со ненајавениот гостин. Во училницата разиграни ученици на одморите. Лесно е да се погоди која насмевка најмногу зрачеше,нели? Зрачи и денес! Еден дел од мене длабоко верува, дека таа насмевка ќе зрачи уште многу време! Можеби ќе дојде некое време, кога на ученикот со весели очиња, ќе треба да му ја кажам вистинската приказна за бубамарите. Ама поважно ми е сега да ја раскажам приказната за тоа колку малку е потребно за среќа! Некако свикнавме да ја повторуваме како клише реченица во која ретко кога веруваме. Да ја раскажам од повеќе причини! Од ненормалната потреба голем број на родители да се докажуваат на своите деца во задоволување на материјалните добра. Во натпреварот на родителите, кој повеќе, без поставување граници несмислено ќе го обликува своето дете во материјален зависник од предмети, технологија и скапа облека. Во непоправливата штета која со ваквите постапки ќе ги направи нивните деца робови на последните модели на таблети и телефони, лишени од умеењето слободно да зборуваат за своите чувства, за своите стравови и желби. Во деца кои ќе пораснат сиромашни во покажување љубов, емпатија, разбирање и другарување. Кои различноста нема да ја прифаќаат за еднаква,туку причина за оттуѓување и лишување од најважното – исполнет живот со другари за цел живот. Споредете ја скромната желба на мојот ученик раскажана овде со секоја идна желба на вашите деца. И да повторам, во оваа приказна јас немам главна улога и големина. Овде најголем од сите возрасни во оваа приказна е мојот ученик. Мал во години , голем во душа и во срце, кој на мене и на неговите родители ни покажа колку малку е потребно за среќа. Голем во скромноста на своите желби, уште поголем во вистинскиот избор на изворите на среќа. И за крај , за мене вистинската причина зошто решив да бидам раскажувачот! Во ова време професијата наставник од неброено многу причини го допре своето дно, најблагородната професија стана „пазар и договор за оцени и успех“,пренатрупаност од работа која ја убива креативноста на наставникот и изгубената можност да биде „пламенот“ кој несебично ја дели својата светлина. Раскажувач на ретки , но сепак силни приказни. Приказни кои во ова „студено“ време на живеење некому ќе му донесат топлина во срцето. И колку во очите на јавноста оваа професија да изгубила на својата благородност, длабоко во себе верувам дека секој наставник има вакви приказни за раскажување. Охрабрете се и раскажувајте ги, драги колеги и колешки,вакви приказни каде среќата е во малите нешта им помага на сите да облечат душа, да исчистат срце и се надевам да испеглаат карактер за да бидат ЛУЃЕ! Не сум сигурен дали ме бидува за раскажувач, ама сум сигурен во едно : Нема да штедам на пламенот во мене , ако знам дека од него се раѓа и светлина и топлина! А за сите вакви емотивни Хирошими, ќе раскажувам со радост!




Saturday, March 28, 2015

ДАУН СИНДРОМ ( DOWN SYNDROME )








 ДАУНОВ СИНДРОМ – ДАУН СИНДРОМ ?
Во скоро сите медицински документи кои се општо прифатени, за дијагнозата Q90 се пишува дека се работи за Даунов Синдром, па најчесто лекарите ја преферираат употребата на оваа форма. Во англискиот јазик најчесто се користи изразот Down’s Syndrome ( кој скоро секаде се преведува како Даунов Синдром) , но кој е променет во Даун Синдром  со објаснување дека господинот Даун го немал овој синдром , туку по него го носи неговото име.Се очекува дека со време оваа промена ќе ја прифатат преведувачите и медицинските стручни лица. Во употреба често е и формата синдром Даун.


ИСТОРИЈАТ
Се верува дека лица со Даун Синдром имало од секогаш. Најстарите сведоштва се глинени и камени фигури од Олмечка култура пред 3000 години. Првиот пишуван опис на Даун Синдромот го дал  Esquirol 1838 година, додека деталната клиничка слика ја дал психологот Segurin (во Париз 1846 год.). Англискиот лекар John Langdon Down  (1828 -1896) кој во својот приватен санаториум за ментално заостанати деца се сретнал барем со 10% на деца кои едно на друго си наликувале како да се браќа. Забележал дека оваа нивна посебност, која тој тогаш ја нарекол „МОНГОЛИЗАМ“ е необичен биолошки феномен, бидејќи не се вклопува во останатата слика со децата со ментална ретардација.



Jerome Lejeune, француски генетичар во 1958 година открил дека причината за посебноста на децата кои ги опишал Лангдон Даун лежи во хромозомско нарушување. На самиот почеток на својата медицинска кариера во 50 –те години од минатиот век го привлекувале ментално хендикепираните деца, често изолирани во институции и без терапии, кои би можеле да им ги олесни здравствените тегоби. Тој исто така, длабоко сочувствувал со родителите кои дознале дека им се родило „монголоидно“ дете ( „монголоидна идиотија“ бил непристојниот израз за оваа состојба) и кои биле осомничени за расна дегенерација. Сочувството со тие недолжни лица го претворило младиот париски лекар во истражувач, со срце и ум посветен на решавање на мистеријата на нивната состојба. Една група научници веќе претпоставувала дека Даун Синдромот е резултат на грешка во хромозомите. Следејќи го тој траг, со користење на нова технологија за кариотипизација, Lejeune во 1958 год. Открил дека пациентите со Даун Синдром поседуваат еден додатен хромозом на 21.пар. Така настанала генетската дијагноза позната под името трисомија 21, откривајќи по прв пат воопшто поврзаност на менталната онеспособеност и хромозомското нарушување, најавувајќи со ова нова ера во генетиката. Ова откритие било од особена важност за луѓето со опишаната состојба и нивните семејства.



Овој придонес не останал само на подрачјето на науката, туку преминал и во она што денес го нарекуваме „односи со јавноста“. Целта била , да се освестат луѓето дека и лицата погодени со овој синдром имаат право на човечко достоинство и потреба за љубов и поткрепа.

Даун Синдромот е едно од најчестите хромозомски нарушувања кај човекот. Постои распространет израз кај народот за оваа болест – МОНГОЛИЗАМ. Денес овој израз е неприфатлив, бидејќи наведува на расен или специфичен однос кон одреден ориентален народ ( Монголите). Даун Синдромот може да се појави во секое семејство, раса или социјална групација. Генетската нерамнотежа , која лежи во основата на Даун Синдромот, е основна ПРИЧИНА за сериозни проблеми и отстапки во физичкиот и менталниот развој. Од 1886 година кога англискиот лекар J.L.Down , опишувајќи го своето дете, опишал околу педесет клинички знаци на неговата болест ( која по него го добила името), па до денес не го намалува интересот кај научниците од разни професии (медицина, генетика, психологија, педагогија) за оваа област. Обидите да се одговори на безброј прашања како што се :причинители, ризици, можности за превенција и третмани на лицата со Даун Синдром,за жал , резултирале само со делумни одговори. Тоа најмногу се однесува на причинителот на ограниченото ментално функционирање и можноста за делување на истиот. За разлика од другите лица со потешкотии во развојот, кај лицата со Даун Синдром постои посебна комбинација на физички и ментални карактеристики кои влијаат на физичкиот изглед, на личноста и однесувањето , и ги прават единствени и лесно препознатливи. Во општеството долго време преовладуваше мислењето дека лицата со Даун Синдром се безнадежно заостанати, немоќни и неснаодливи. Денешното знаење за медицинските и генетските аспекти на овој синдром, за новите методи во поттикнување на развојот, овозможуваат повеќе оптимизам и даваат посветла иднина како на децата со Даун Синдром, така и на нивните семејства.



КАКО ИЗГЛЕДА ДЕТЕ СО ДАУН СИНДРОМ – ФИЗИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Готово и да нема родители кои веднаш се соочуваат со прашањето : Какво ќе биде моето дете кога ќе порасне? Дали ќе има сериозни здравствени проблеми? Кои се неговите крајни достигнувања на ментален план? Како ли ќе комуницираат со својата средина?
 На овие и други слични прашања ниту едно стручно лице нема да може да ви даде прецизен и целосен одговор, поради самиот факт дека растењето  и развојот на човечкото битие се условени со голем број на фактори. Поради тоа ќе го наведеме само она што е вообичаено за повеќето деца со Даун Синдром. Важно е да се знае дека скоро сите физички промени се имаат случено пред самото раѓање, во раниот развој на ткивото и органите. Поради сличностите во физичкиот развој, овие деца се препознатливи по самото раѓање. Сепак , постојат големи варијации во бројот и изгледот на надворешните знаци, иако тие на никаков важен начин не оставаат последици врз здравјето и развојот на детето.

КАРАКТЕРИСТИЧЕН ИЗГЛЕД на бебе со Даун Синдром: округла ГЛАВА, со заден зарамнет дел, мал НОС со ниско поставен корен, КОСА мека, тенка и права, ОЧИ, косо поставени, со мали набори во аглите (епикантус) и забележливи подочници, УСТА, најчесто мала и полуотворена со зголемен јазик кој е најчесто надвор. Во постара возраст јазикот често се избраздува, а УСНИТЕ лесно пукаат. ЗАБИТЕ  испаѓаат нешто подоцна, со неправилен облик и со тенденција за брзо расипување. УСНАТА ШУПЛИНА е нешто поднамалена, а НЕПЦЕТО тесно и високо.УШИТЕ се малечки со вообичаено извртен горен дел, ВРАТОТ краток и широк; ЕКСТРЕМИТЕТИ (раце и нозе) изразено кратки, задебелени. Ваквиот изглед со тек на годините се менува, а можни се и хируршки корекции ( на уши, нос, јазик и врат). МУСКУЛЕН ТОНУС  значително намален,што влијае на млитавост и растегливост на зглобните лигаменти ( хипер – флексибилност). Ова посебно е забележливо во првите години од животот. ГЛАСОТ од првото зборување може да биде малку подлабок, рапав. СРЦЕТО – околу 40 проценти на децата со Даун Синдром имаат вродени срцеви маани, што е и најчеста причина за прерана смрт. Последните години, хируршките корекции на вродените срцеви маани кај децата со Даун Синдром се прават значително порано и поуспешно, што резултира со значително намалување на процентот на смртност во првите три години од животот. ПРОСЕЧНА ВИСИНА во споредба со нормалниот чекор на раст е битно изменета. Раздвојување од линијата на нормалата прогресивно расте по втората година, за да во петнаесетата година изнесува околу 10 – 15 цм. ПРОСЕЧНА ТЕЖИНА кај децата со Даун Синдром вообичаено, после првата година нагло се зголемува и значително ја надминува просечната тежина на врсниците. Причини за ова можат да бидат повеќе: недоволен и неадекватен метаболизам на шеќерот, каде како причина се зголемуваат масните наслаги – што го отежнува движењето на и онака млитавото и адинамично дете. Родителите често не се снаоѓаат околу количеството и квалитетот на храната која детето треба да ја прими па претеруваат со често давање на храна со висока калорична вредност. Прогресивното зголемување на дебелината со годините бара задолжително консултирање со педијатар или лекар нутриционист, кој на родителите ќе им даде презизни напатствија за исхраната.







ОПШТА ЗДРАВСТВЕНА СОСТОЈБА

 Во раната возраст кај децата со Даун Синдром, најчесто се подложни на РЕСПИРАТОРНИ ИНФЕКЦИИ кои ги зафаќаат ушите, очите и органите за дишење. Чести се НАСТИНКИТЕ, носот е полн со секрет кој постојано тече. Затоа, треба рано да се научат како да користат марамчиња.
Околу 60 % проценти на деца со Даун Синдром имаат проблеми со СЛУХОТ. Слевање на секрет во средното уво доведува до наглувост од различен степен. Неопходно е родителите барем еднаш годишно  да го водат детето на контрола кај специјалист за уво, нос и грло. Поради намалено количество на витаминот Б во ќелиите, потребно е повремено на детето да му се дава комплекс од Б витамин. Храната треба да е богата со салати, свеж зеленчук и овошје, пожелно е да се користи црн леб , да се ограничи внесувањето на млеко до половина литар на ден и да се избегнува внесувањето на слатки.
30 – 40 % од децата со Даун Синдром имаат проблеми со ВИДОТ ( слабовидост, вродена катаракта). Се препорачува контрола кај очен лекар барем еднаш годишно.
НЕГА НА ЗАБИТЕ, исто така бара посебно внимание. Потребно е советување со стоматолог околу хигиената на млечните заби, спречување на честите воспалителни процеси на забите, како и превземање на превентивни мерки ( внесување на флуор) пред појавата на постојаните заби.
ЏВАКАЊЕТО НА ХРАНАТА се јавува задоцнето и доведува до проблеми во варењето на истата. Поради општата мускулна млитавост чести се и опстипациите (запек). Во овој случај се советува зголемено давање на течности, специфична исхрана и вежби.
15 – 20 % од децата со Даун Синдром имаат дисфункција на тироидната жлезда – ХИПОТИРОИДИЗАМ. Неопходно е до третата година да се испита кај ендокринолог функцијата на тироидната жлезда за да со правовремено лечење се спречи негативното дејство на комплетниот ментален развој.
Кај возрасните лица со Даун Синдром зголемен е процентот на АЛЦХАЈМЕРОВА болест која доведува до деменција – ментално пропаѓање.
ЛЕУКЕМИЈА – неконтролиран раст на белите крвни зрнца, се јавува кај еден процент кај децата со Даун Синдром. Болеста најчесто се развива во првите 2-3 години од животот. После овој период , ризикот од оваа болест е незначителен.




МЕНТАЛЕН РАЗВОЈ НА ДЕТЕ СО ДАУН СИНДРОМ

Развојот на менталните способности кај децата со Даун Синдром е значително забавен, што е во склад со бавниот развој на мозокот. Ограничените потенцијали најмногу се забележливи во сферата на стекнување знаења и вештини од повеќе причини: МОТИВАЦИЈА за учење на нешто ново е прилично слаба, ВИДНОТО И СЛУХОВО ВНИМАНИЕ – краткотрајно и површно. КООРДИНАЦИЈА НА ДВИЖЕЊАТА  око-глава-рака кои претставуваат основа за досегнување, фаќање и ракување на предметите е значително забавена и отежната. ВООПШТУВАЊЕ на научното и ПРЕНЕСУВАЊЕ во нови ситуации е сиромашно. Се вели дека детето со Даун Синдром мисли во бои, облици и слики, односно неговото мислење долго време останува КОНКРЕТНО – и само со насочена помош може да прими посложени облици на мислење. Наученото ЛЕСНО СЕ ЗАБОРАВА особено ако содржината која се учи не е во склад со потребите на детето, ако за детето нема употреблива вредност, односно не претставува инвентар на секојдневно однесување.
СПОСОБНОСТА ЗА ГОВОР и неговото РАЗБИРАЊЕ изразено доцни кај децата со Даун Синдром. Во просек до три – четири години, се разбираат со гестови и мимики со ретки и кратки зборови. Реченици формираат дури после четвртата година. Ритамот на говор е неизедначен, експлозивен  како да целиот воздух е потрошен на првиот збор. Фондот на зборови по правило останува сиромашен. Разбирливоста на говорот е долго нарушена поради сериозните пречки во артикулацијата. Со зголемувањето на фондот на зборови и усвојувањето на синтаксички правила, честа е појавата на пелтечење кое е со променлив интензитет и отпорно на ,засега непознати третмани. Разбирањето на говорот во првите неколку години значително е над изговорот на експресија. Ова особено се однесува на вербалните пораки и барања кои се поткрепени со реални ситуации. Со оглед дека развојот на говорот е тесно поврзан со развојот на мислењето, потребно е многу време , напор, поттик и вежби ( со помош на стручно лице – логопед ) за да се постигне задоволувачки успех. Кај децата со Даун Синдром постои голема разноличност во степенот на менталното заостанување. Тоа се движи во интервал од тешко  (IQ 30-40),умерено (IQ 40-50) и лесно (IQ 50-70). Ретки, ( 2-3 %) постигнуваат категорија на гранични случаи (IQ 70-80).
Просечните достигнувања на децата со Даун Синдром ( мерени со развојни скали и тестови на интелегенција) до петтата година од животот , се движат од 55-75 IQ единици. Со годините овој резултат прво стагнира, а потоа опаѓа поради фактот дека овие деца рано го достигнуваат својот интелектуален максимум ( помеѓу 13. и 15. година).
Во тинејџерските години ( 13 – 19 ), благодарение на специјалните училишни програми, можат да се научат на корисни вештини, но ретко на сложени активности кои бараат повеќе прецизност и зрело расудување. Малку лица со Даун Синдром во зрелите години се успешни во совладувањето на извршување на задачи и активности кои бараат потполна самостојност и одговорност.




СОЦИЈАЛЕН И ЕМОЦИОНАЛЕН РАЗВОЈ НА ДЕЦАТА СО ДАУН СИНДРОМ

Важно е да се знае дека социјалниот развој на децата со Даун Синдром се движи две – три години пред менталниот развој. Општо гледано, децата со Даун Синдром се весели, пријателски настроени, друштвени и активни. Пријатната природа на овие деца, топлата насмевка и испружените раце во раната возраст, го пленат вниманието на средината која најчесто им возвраќа со нежност. Чести се промените на расположението, па во некои ситуации непримерно се однесуваат, се мрштат, срамат и лутат, за да желни за пофалба и внимание, веќе следниот момент се смеат. Изливот на емоции (радост, воодушевување, страв, лутење, љубомора, тага) чести се и бурни, но исто така краткотрајни и површни.
ТВРДОГЛАВОСТ, ИНАЕТЛИВОСТ се одлики на децата со Даун Синдром кои на нивните родители и околината им создаваат најмногу проблеми. Скоро во текот на целиот свој животен век можат да бидат крајно непопустливи и упорни , да истраат „на своја рака“. Начините и реакциите со кои ги избегнуваат наметнатите обврски, го одразуваат здравиот детски смисол за хумор и шега. Неоптоварени со тежината на растењето, тие уживаат во широкото семејно опкружување, особено во игрите со децата. Од рана возраст САКААТ ДА ИМИТИРААТ (мимика), гестови и едноставни активности со лицето кое се грижи за нив, што дава можност да се научат на убаво однесување. Понекогаш се себични, ретко кога агресивни. Ако се вклучуваат во караница, тоа е поради причината што тешко ја контролираат својата импулсивност, немоќни да го одложат моменталното задоволување на своите потреби.




РАНА ИНТЕРВЕНЦИЈА

 Раната интервенција е внимателно планирано индивидуално насочено учење во раниот период на детскиот живот, веднаш штом се утврдени одредени потешкотии кај детето и/или е поставена дијагноза.
Целта на раната интервенција е да му се овозможи на детето подобро да ги развие своите способности и да стекне искуства кои му се потребни на начин на кој ќе се уреди детската околина која ќе го поттикнува целокупниот детски развој, ќе го разбуди неговото внимание и интерес и ќе го поттикне што поактивно да учествува во интеракција со околината. Раната интервенција е сеопфатна психолошка, едукациска и рехабилитициска помош и поддршка на родителите.
Покрај поддршката, информациите и техниките на подучување родителите се чувствуваат посигурни и покомпетентни во воспитувањето на своето дете со Даун Синдром и во задоволување на неговите посебни потреби во семејното опкружување. Околината е најважна за развојот на детето, а подучувањето е процес на уредување на детската околина на начин кој ја зголемува веројатноста да научи или да направи одредени работи. Родителите лесно избираат постапки и начини, но не можат да одберат дали да бидат учители или не, бидејќи тие сами по себе се во секој случај тоа, без разлика дали имаат дете со потешкотии во развојот или не.
Децата со Даун Синдром не можат во доволна мера да ја искористуваат својата средина за учење бидејќи не се толку мотивирани, бидејќи подоцна и послабо го развиваат очниот контакт, затоа што нивното време за реакција е подолго , па и преносот во мозокот е забавен и отежнат. Поради тоа е потребно средината да се прилагоди на нив за да им се даде поголем поттик и информации, што во најраната возраст влијае на поактивен развој на мозокот и има повеќенаменска долготрајна корист.


Поттикнувачка средина значи повеќе информации кои влијаат на развојот на мозокот, па поради тоа мозокот почнува и поинаку да функционира:
  •    Детето е помалку пасивно;
  •      Подобро ја искористува својата средина;
  •     Го подобрува очниот контакт, подолго време ги набљудува предметите и лицата;
  •    Се подобрува комуникацијата;
  •    Подобро се развива концентрацијата, вниманието и мислењето;
  •    Детето е поактивно и поуспешно;
  •    Детето подобро реагира на дразби;
  •    Побрзо се пренесуваат информациите;
  •     Подобро се развива на сите подрачја;
  •     Родителите се повеќе мотивирани бидејќи добиваат повеќе одговори и реакции од детето;
  •    Децата добиваат повеќе сетилни и моторички искуства кои се меморираат;
  •    Добиваат поредовни лекарски прегледи и систематско следење;
  •    Се спречуваат или се намалуваат дополнителни потешкотии.



ТЕМЕЛНИ ПРИНЦИПИ НА РАНАТА ИНТЕРВЕНЦИЈА СЕ:
  •        Сите деца учат. И децата со Даун синдром учат, но побавно и зато им е потребно повеќе пати да им се повтори одредена стимулација,
  •      Децата со Даун Синдром потребно е да се учат на истите вештини како и сите други деца – оние кои им помагаат да си играат, учествуваат во интеракција, стануваат посамостојни и составен дел од општеството.
  •       Првите години од животот се одлучувачки за учење. Учењето треба да започне оној момент кога ќе се утврди потешкотијата.
  •         Родителите се важни учители на своето дете.
  •         Секое дете е поинакво и секое семејство е поинакво.
  •         Успешната програма ги почитува потребите на детето и средината.
  •       Внимателно одбрани постапки на оценување и подучување  поттикнуваат подобро учење.
  •      Ги развиваме детските можности и спобности и ги спречуваме дополнителните потешкотии.
  •        Создаваме позитивен однос помеѓу детето и родителите и останатите членови на семејството.


ИЗРАБОТКА НА ИНДИВИДУАЛНА ПРОГРАМА ЗА РАБОТА

     Првиот чекор во обликувањето на програмата за работа на раната интервенција или како стручно се нарекува индивидуален образовен план – ИОП, со одредено дете е процена на способностите на детето. Првата процена ја прави дефектолог или едукативен рехабилитатор кој преку набљудување се обидува да добие што повеќе информации за детето , при што врз база на тие податоци би можел да процени што е потребно за учење. Постапката на процената е многу важна за целокупниот успех на програмата за работа на раната интервенција.
   Ако ги прецениме детските способности доаѓаме во ситуација да направиме премногу тешка програма за детето поради што ќе биде спречено задоволителното напредување на детето. Не е доволно детето само еднаш да направи одредена активност, туку е важно да се провери дали таа активност се изведува доволно добро и доследно во различни ситуации. Само квалитетното извршување на задачите и успешноста без оглед на променетите услови можат да гарантираат дека детето е подготвено за учење на некоја потешка задача.
    Потценувањето на способностите на детето доведува до ситуација да изработиме програма која не е интересна и не донесува доволно предизвици која ќе ја разбуди детската желба за учење.
   Исклучително е важна објективноста и на стручните лица и на родителите во процената како би можело да се изработи успешна програма која нема да биде ниту премногу лесна ниту премногу тешка. Успешната програма не е лесна програма , туку онаа која точно покажува што може, а што детето не може.
          Дефектологот или едукативниот рехабилитатор го проценуваат детето на полето на грубата моторика, фината моторика, разбирањето и спознавањето, комуникација и социјализација, игри , додека логопедот е специјализиран за јазично – говорниот развој и потешкотии.
         Целите на програмата се дефинираат според резултатите на оценување и се строго индивидуални за секое дете. Сосема лесно и можно е вашето детео да ги совладува активностите за фината моторика на возраст од три години, додека активностите за грубата моторика, социјализацијата и игрите да ги совладува за старост од две години, а разбирањето да му е на граница за старост од 18 месеци. Поради тоа целите треба да бидат строго прилагодени на вашето дете за да не дојде до разочарување или да се стопира развојот на детето.
    Многу важен дел во одредувањето на целите на програмата е и расположливото време и можностите на родителите.
         Темелното учење на помал број на вештини помага повеќе отколку површното и засилено учење на поголем број на вештини. Понекогаш може да се запрашате дали вие како родител можете да му бидете учител на своето дете. Колку време ќе посветите на подучување на вашето дете зависи од  неговата возраст, од тоа дали е на почеток во вклучување на програмата или е веќе подолго време вклучено во истата. Ќе разберете дека големиот број на вештини и задачи вие и онака веќе ги работите во некој временски период во денот, па потребно ви е само да го смените пристапот. Во програмата секако треба да биде вклучено целото семејство. Исклучително важно  е двајцата родители да ги извршуваат задачите , бидејќи на детето и мајката и таткото му се подеднакво важни модели на учење во животот. Можете да ги вклучите бабите и дедовците, дадилки, воспитувачки во градинка или било која личност од вашата средина која е подготвена да ви помогне, а и да помине некое време со вашето дете.




УСПЕХ
Клучот на секое учење е успех !

     Секое дете е поинакво и различно. Ако детето е успешно, тогаш знаеме дека сме на вистинскиот пат. Успехот ја зголемува самодовербата, ја развива позитивната слика за себе и задачите сами по себе стануваат награда.
     За да детето биде мотивирано, потребно е да даде најмалку 8 точни одговори од дадени 10 одговори.
   Ако програмата не е така обликувана за да го постигне ова и ако детето не напредува, тогаш ги разгледуваме причините и ја менуваме програмата.
  Освен адекватната процена, успехот го програмираме така што задачите ги разделуваме на помали чекори и го фалиме или наградуваме точниот одговор, наместо да критикуваме доколку одговорот не бил точен.



   

  Оваа статија е превод од повеќе прирачници и материјали на Британската хуманитарна организација "Save the children", а вклучените фотографии во статијата се превземени од интернет.








Monday, June 2, 2014

10 РАБОТИ КОИ СЕКОЈ УЧЕНИК СО АУТИЗАМ САКА ДА ГИ ЗНАЕТЕ



1. Однесувањето е комуникација.
Секое однесување се случува со причина. Тоа ви кажува, дури и кога моите зборовите не можат, како гледам на  она што се случува околу мене. Негативното однесување се меша со моите процеси  на учење.   Прекинувањето на овие однесувања не е доволно; Научи ме како да ги заменам овие однесувања со соодветни алтернативи, така што вистинското учење може да биде побрзо. Започнете со ова верување: Јас навистина сакам да научам да комуницирам соодветно. Ниедно дете не сака негативни повратни информации кое ги добива од "лошото" однесување. Негативното однесување обично значи дека сум совладан од растроените сензорни системи, не можат да комуницираат моите желби или потреби или не го разбирам она што се очекува од мене. Погледнете подалеку од однесувањето за  да го најдете изворот на мојот отпор. Водете забелешки за тоа што се случило непосредно пред однесувањето: вклучени луѓе, време од денот, активности, поставувања. Со текот на времето, некој модел може да се појави.


2. Никогаш не претпоставувајте ништо.
Без фактички резерви, претпоставката е само претпоставка. Јас може да не ги знам или разбирам правилата. Јас може да сум ги слушнал инструкциите, но не сум ги разбрал. Можеби  јас ги знаев вчера, но не може да ги постигнам денес. Запрашајте се:

 Дали сте сигурни дека јас навистина знам како да го направам она што се бара од мене? Ако јас одеднаш треба да истрчам до тоалетот секој пат кога од мене се барало да решавам наставен лист по математика, можеби и јас не знам како или се плашам дека мојот труд нема да биде доволно добар. Бидете постојано со мене преку доволно повторувања на задачата до местото каде што се чувствувам способен. Можно е да имам потреба од повеќе пракса за да ги совладам задачите за разлика  од другите деца.

Дали сте сигурни дека ги знам правилата? Дали ја разбирам причината за правилото (безбедност, економија, здравје)? Дали го прекршувам правилото бидејќи имам некоја основна причина? Можеби ја извадив ужинката порано од мојот ранец, бидејќи бев загрижен околу завршувањето на домашната задача, не успеав да појадувам, па сега сум прегладнет. 



3. Гледајте  за сетилни прашања во прв план. 
Многу од моите отпори на  однесување доаѓаат од сензорната непријатност. Еден пример е флуоресцентното осветлување, кое одново и одново се покажа голем проблем за деца како мене. Шумот кој го  произведува е многу вознемирувачки за мојот хиперсензитивен слух, и пулсирачката природа на светлината може да ја нарушат мојата визуелна перцепција, правејќи предметите во собата да бидат во постојано движење. Блескава светилка на мојата маса ќе го намали треперењето, или една нова сосема обична сијалица. Или можеби јас треба да седам поблиску до вас; Јас не го разбирам она што ми го кажуваш бидејќи има премногу звуци "помеѓу" - косилката надвор од прозорецот, Јасмина и  шепоти на Тања, шкрипењето на столчињата, звукот на острилката за моливи.

 Прашајте го  училишниот професионален терапевт за сетилно-пријателски идеи за во училницата. Тоа е всушност добро за сите деца, не само за мене.




4. Обезбедете ми пауза за да ми се овозможи саморегулација пред да ми биде потребно.
Тивок агол од училницата со некои перници, книги и слушалки ми овозможуваат да се ре-групирам кога ќе надвладеат премногу чувства, но не толку физички оддалечен,  бидејќи нема да бидам во можност непречено лесно да се приклучам  на активноста во училницата.



5. Кажете ми што сакате да направам во позитивна форма  наместо во императив. 
"Ти остави хаос од страна на мијалникот!" е само изјава на фактот за мене. Јас не сум во состојба да заклучам дека она што навистина значи е "Те молам исплакни ја твојата чаша за боја и фрли ја хартијата во  корпата за отпадоци."

Не ме терајте сам да погодувам или да се обидувам  да дознаам што да правам.




6. Задржете ги вашите очекувања разумни.
Кога стотици деца се насобрани околу еден човек кој дели флаери за некој настан е непријатно и бесмислено за мене. Можеби би било подобро јас да му  помогнам на училишниот секретар во составување на училишниот билтен.


7. Помогнете ми во  транзиција помеѓу активностите.
Мене ми треба малку повеќе време да се  движам од една активност на следна. Дајте ми пет минути предупредување и двеминутно предупредување пред промената на  активноста - и обезбедете неколку екстра минути на вашиот крај за да се компензира. Едноставен часовник или тајмер на мојата маса ми дава визуелен знак за времето на следната транзиција и ми помага да се справам повеќе самостојно.



8. Не правете ја лошата ситуација уште полоша. 
Знам дека иако сте зрели и возрасни, можете понекогаш да направете лоши одлуки во топлината на моментот. Јас навистина не мислам да се топам надолу, да покажувам лутина  или на друг начин да го нарушувам редот во вашата училница. Може да ми помогнете да преболам побрзо со тоа што нема да  реагирам со воспалително однесување на вашето. 

Пазете се од овие одговори кои ја продолжуваат наместо да ја решаваат кризата:

  • Подигање на јачината на вашиот глас. Слушам врескање и крици, но не и зборови. 
  • Подигрувајќи  или имитирајќи ме . Сарказам, навреди или викање по име  нема да ме посрамоти надвор од моето однесување. 
  • Искажување на неосновани обвинувања !
  • Повикувајќи се на двоен стандард !
  • Споредувајќи ме брат/сестра или други ученици!
  • Повикувајќи се на претходни или неповрзани настани !
  • Ставајќи ме  во општа категорија ("деца како тебе сите ​​се исти")!




9. Критикувајте нежно. 
Бидете искрени - колку сте добри на прифаќање на " конструктивна" критика? Зрелоста и самодоверба за да може да го направите тоа може да биде светлосни години подалеку од моите способности, нели! 
  • Ве молам! Никогаш ама баш никогаш да се обидувате да наметнете дисциплина или корекција  кога сум лут, вознемирен,претерано стимулиран , затворен , или на друг начин емотивно не би можел да комуницирам  со вас.
  • Повторно , запаметете дека јас повеќе или помалку ќе реагирам на квалитетот на вашиот глас отколку на вистинските зборови. Јас ќе го слушнам викањето, но јас нема да ги разберам зборовите и затоа нема да бидам во можност да дознаам што направив погрешно.Зборувајте  со тивок глас и наведнете го  вашето тело ,  така што ќе комуницирате на мое ниво, наместо над мене.
  • Помогнете ми да го  разберам несоодветното однесување со поддршка , решавање на проблемите со вистински начин наместо казнувајќи ме. Помогнете ми да ги утврдам чувствата кои предизвикале такво однесување. Јас можам да кажам дека сум бил лут,но можеби сум бил исплашен, фрустриран, тажен  или љубоморен. 
  • Практикувајте  или играјте улоги - покажи ми - е подобар начин да се справи со ситуацијата следниот пат. Сценарио , фото есеј или социјална приказна помага. Очекувајте повеќе да играте улоги со текот на времето .
  • Нема еднократни поправки. И кога ќе направам како што треба " следниот пат", кажете ми веднаш.
  • Ми помага ако моделирате соодветно однесување за одговор на критика.



10. Нудете вистински избори - и единствено вистински избори. 
Не нудете ми  избор или прашање "Дали сакаш ...?", освен ако не сте подготвени да прифатите не за одговор. "Не" може да биде мојот искрен одговор на "Дали сакате да се чита гласно сега?" или "Дали сакате да ги споделите боите со Вилијам?" Тешко е за мене да ти верувам кога изборите воопшто не се избори.
Вие земате здраво за готово неверојатен број на избори кои ги имате на дневна основа. Постојано избирате една опција над другите знаејќи дека и двете имаат избор и можноста да направите избор  ви дава контрола над вашиот живот и иднина. За мене, изборите се многу поограничени, затоа е потешко да се чуствувам сигурен во себе. Обезбедувајќи ме со чести избори ми помагате да бидам повеќе активно вклучен во  секојдневниот живот.
Секогаш кога е можно, нудете избор во рамките на "може-да“. Наместо велејќи: "Напиши го твоето име и датумот на врвот на страницата," кажете: "Дали сакаш да ги напишеш твоето име прво, или би сакал да се напише датумот прво?" Или "Што би сакал да се напише прво, букви или броеви ? "Следете покажувајќи ме: " Гледате како Џејсон го пишува своето име во неговата тетратка?“

Давајќи ми избори ми помагате да го научам соодветното однесување, но јас, исто така, треба да разберам дека ќе има моменти кога нема да  можете. Кога ова се случува, јас нема да бидам  фрустриран ако  разбирам зошто:
  • „Не можам да ти дадам избор во оваа ситуација, бидејќи тоа е опасно. Може да се повредиш!“
  • "Не можам да ти го дадам тој избор, бидејќи тоа би било лошо за Марко" (има негативен ефект врз уште едно дете).“
  • "Јас ти дадов многу избори, но овој пат тоа треба да биде избор на возрасен."


Последен збор: верувајте. Хенри Форд рекол: "Дали мислиш дека можеш или дека не можеш, ти си вообичаено во право." Верувајте дека вие можете да направете разлика за мене. Се бара сместување и адаптација, но аутизмот е отворена попреченост. Нема својствени горни граници на достигнување. Јас можам да  насетам многу повеќе отколку што можам да комуницирам, а прво нешто што  можам да насетам е дали мислите дека "може да го направи тоа." Очекувајте повеќе и ќе добиете многу повеќе. Поттикнувајте ме да бидам се што можам јас да бидам, така што ќе останам на правецот (патот)  подолго откако ќе ја напуштам вашата  училница.




Овој материјал е превод од англиски од книгата „Ten Things
Your Student with Autism Wishes You Knew“ by Ellen Notbohm , а фотографиите се превземени од интернет.